Статут

Врз основа на член 5, 20 и 76 од Законот за здруженија на граѓани и фондации, и член 21 од Статутот на Бадминтон федерацијата на Македонија, на сендницата на Вонредното собрание одржана на ден 14.05.2009 година во Скопје, Собранието на Бадминтон федерацијата на Македонија го усвои пречистениот текст на

С Т А Т У Т
на Бадминтон федерацијата на Македонија

1 – ОПШТИ ОДРЕДБИ

член 1

Бадминтон федерацијата на Македонија е здружение на граѓани во рамките на која граѓаните и органите преку своите клубови ги остваруваат и усогласуваат поединечните со општите и заедничките интереси во омасовувањето и развојот на бадминтон спортот.

Бадминтон федерацијата на Македонија е деполитизирана и во неа се забранува делување на политички партии за постигнување политички цели и интереси.

член 2

Бадминтон федерацијата на Македонија (во понатамошен текст Федерација) е самостојна во организирањето и остварувањето на своите цели и активности утврдени со овој Статут и други нормативни акти, а своите права, должности и одговорности ги остварува во согласност со Уставот на Република Македонија и законите.

член 3

Федерацијата својата дејност ја остварува на подрачјето на Република Македонија.

член 4

Називот на здружението на граѓани е БАДМИНТОН ФЕДЕРАЦИЈА НА МАКЕДОНИЈА, или скратен назив БФМ, а во одредени случаи само во меѓународна комуникација, може да се користи називот БАДМИНТОН МАКЕДОНИЈА.

член 5

Седиштето на Федерацијата е во Скопје на ул. Даме Груев, 7/12.

член 6

Федерацијата има својство на правно лице со права и обврски, одговорности утврдени со Уставот на Република Македонија, со Законот за спорт и овој Статут и се запишува во регистарот на Здружението на граѓани што се води во надлежност на Основниот суд во Скопје.

член 7

Федерацијата ја застапува претседател кој го избира Собранието, а во негово отсуство потпретседател, кој го избира Управниот одбор.

член 8

Федерацијата има свој печат во округла форма во кој во средината е знакот на Федерацијата, а околу е испишан текстот “Бадминтон федерација на Македонија” Скопје.

Федерацијата има свој штембил во правоаголна форма со следниот текст:

Бадминтон федерација на Македонија
Бр. ______________
Од ______________ год.
Скопје

Текстот на печатот и штембилот на Федерацијата се испишани на кирилица.

член 9

Федерацијата има свој знак, кој се состои од рекет со јајцевидна форма, и топче за бадминтон во средината на рекетот, претставени со бела боја вооквирени со црна боја, во средината на рекетот по целата големина е претставено знамето на Република Македонија со основните бои на знамето, жолта и црвена.

Знамето на Федерацијата е со правоаголна форма со димензии 2 х 1 м, во чија средина е знакот на Федерацијата. Основната боја на знамето е бела.

член 10

Федерацијата е членка на Македонскиот Олимписки комитет – по сопствена одлука и членка на Светската, Европската и Балканската бадминтон федерација, со сите права и обврски.

Бадминтон федерацијата на Македонија е единствена спортска федерација во Република Македонија во бадминтон спортот.

член 11

Членки на Федерацијата се сите бадминтон клубови запишани во Единствениот регистар на Федерацијата.

Членките на БФМ, лигите или било какви клубови и здруженија се подредени на БФМ и не можат да денуваат надвор од нив. Членките на БФМ за секое учество на официјално или неофицијално натпреварување надвор од границите на Република Македонија мора да побараат одобрение од Федерацијата.

член 12

Официјален јазик на Федерацијата е Македонскиот, а во меѓународната комуникација ќе се користи англискиот јазик.

2- ДЕЈНОСТ, ЦЕЛИ И ЗАДАЧИ НА ФЕДЕРАЦИЈАТА

член 13

Дејноста, целите и задачите на Федерацијата се следните:
– да го остварува и развива бадминтон спортот во Република Македонија
– да создава и организира материјално и стручни услови за бадминтон спортот
– да ги контролира натпреварите во системот за натпреварување во земјата, во машка и женска конкуренција за сите возрасти
– да ги поврзува клубовите и другите стручни облици во бадминтон спортот
– да ги поттикнува и помага активностите за унапредување на бадминтон спортот
– да соработува со другите спортски сојузи во Република Македонија
– да остварува меѓународна спортска соработка
– да организира маркетинг служба за остварување материјални и финансиски услови за дејноста на Федерацијата
– да го регулира трансферот на играчи помеѓу клубовите

член 14

За да се постане член на Федерацијата, клубовите мора да пополнат Апликација за прием во членство на БФМ, утврдена од страна на Управниот одбор на БФМ.

Во апликацијата за членство постои декларација дека клубот ќе се придржува кон:

– Статутот на Бадминтон федерацијата на Македонија
– Правилата за натпреварување на БФМ
– Дисциплинскиот правилник БФМ
– Правилата на Меѓународната бадминтон федерација

Со Апликацијата задолжително се поднесува:

1. Копија од Статутот на клубот
2. Решение од Централен регистар на Република Македонија
3. Решение за вршење дејност спорт издадено од страна на државниот орган надлежен за работите од областа на спортот во Република Македонија

Со поднесувањето на документите под реден број 1, 2 и 3 подносителот постанува членка на Бадминтон федерацијата на Македонија со право на глас во Собранието.

Апликацијата за прием во членство на БФМ ја разгледува Управниот одбор на БФМ и донесува Одлука која во рок од 30 дена треба да ја достави до подносителот.

член 15

Членството на клубот во Федерацијата престанува со:

– Престанок на постоење на клубот
– Поништување или укинување на решение за вршење дејност спорт од страна на државниот орган надлежен за работите од областа на спортот во Република Македонија
– Со одлука на Собранието или Управниот одбор на БФМ поради делување спротивно на Статутот на БФМ и Законот за спорт на Република Македонија
– Со правосилна одлука од судот

Бадминтон федерацијата на Македонија во рок од 30 дена мора да го извести клубот за престанок на членството во Федерацијата.

член 16

Бадминтон федерацијата на Македонија води Единствен регистар за сите бадминтон клубови – членки на Бадминтон федерацијата на Македонија.

член 17

Правата и обврските на клубовите членки во Федерацијата се:
– само клуб членка на Федерацијата има право да учествува во систем на натпреварување во машка и женска конкуренција во сите категории на возраст, со почитување на официјалните правила за натпреварување
– да избираат и бидат избрани во органите и телата на Федерацијата
– да даваат иницијативи и предлози за одредени прашања, да ги претставуваат интересите на своите членови (поединци), и официјално да комуницираат со БФМ и други институции од областа на спортот и јавните гласила во нивно име
– да бидат редовно известувани за работата на органите и телата на Федерацијата со редовно активно учество во работата на органите и телата и да придонесуваат за унапредување на работата на Федерацијата

3 – ОРГАНИ НА ФЕДЕРАЦИЈАТА

член 18

Органи на Федерацијата се:
– Собрание
– Управен одбор
– Комисија за жалби
– Комисија за натпревари
– Дисциплинска комисија
– Тренерска комисија
– Техничка комисија
– Финансова комисија
– Здравствена комисија
– Стручен совет
– Комисија за масовен спорт
– Надзорен одбор

член 19

Собранието е највисок орган на Федерацијата и го сочинуваат клубовите – членови на Федерацијата

Секој клуб членка на Собранието има право на два делегати во Собранието.
Секој клуб членка на Собранието има право на:

– 1 глас доколку има до 20 членови на клубот од кој од 0-18 регистрирани натпреварувачи
– 2 гласа доколку има над 20 членови на клубот и 19 и повеќе регистрирани натпреварувачи

Членовите на клубот мора да се евидентирани во БФМ, а натпреварувачите лиценцирани во БФМ и да имаат учествувано во најмалку 2/3 од натпреварите во претходната натпреварувачка сезона.

Во работата на Собранието учествуваат и

– Претседателот на Федерацијата – без право на глас
– Потпретседателот на Федерацијата – без право на глас
– Генералниот секретар на Федерацијата – без право на глас
– Претседателите на комисиите на Федерацијата – без право на глас
– членовите на Управниот одбор на Федерацијата – без право на глас
– доклку погоре наведените се официјални претставници на клубовите имаат право на глас

Собранието полноважно одлучува кога на седницата присуствуваат повеќе од половина (50% + 1) од претставниците на клубовите со право на глас. Собранието одлучува со мнозинство гласови од присутните членови.

Статутот на Федерацијата се донесува кога за него ќе се изјаснат 2/3 од присутните членови по претходно спроведена јавна расправа.

член 20

Седниците на Собранието се одржуваат 1 (еднаш) годишно пред 31 декември.
Седниците ги свикува:
– претседателот на Федерацијата,
– по предлог на Управниот одбор на Федерацијата
– по предлог на Надзорниот одбор на Федерацијата
– по иницијатива од 1/5 од вкупниот број на клубови – членки на Собранието

Седниците на Собранието се јавни.

член 21

Собранието ги врши следните работи:
– донесува Статут
– утврдува записник од претходната седница на годишното Собрание или вонредното Собрание, доколку било одржано
– усвојува извештаи од Управниот одбор и комисиите при Федерацијата
– разгледува апликации за нови членови и донесени одлуки од Управниот одбор за членство во федерацијата
– избира и менува членови на Управниот одбор
– избира и менува членови на Надзорниот одбор
– избира претседател на Федерацијата, кој истовремено е и претседател на Управниот одбор и мандатор за составот на УО
– донесува годишна програма за работа и ја утврдува политиката за развој на бадминтон спортот во Република Македонија
– донесува финансиски план за претстојната година
– донесува одлука со 2/3 мнозинство гласови за престанок на работата на Федерацијата
– утврдува дата и место за следното годишно Собрание
– врши и други работи од интерес на бадминтонот во согласност со Статутот и другите нормативни акти

член 22

Вонредното собрание може да биде свикано на предлог на:
– претседателот на Федерацијата
– Управниот одбор на Федерацијата / Надзорниот одбор на Федерацијата
– по иницијатива на 1/5 од вкупниот број на клубови – членки на Собранието

со писмено образложение за причината за негово свикување испратено до сите членови на Федерацијата

член 23

Секој член на Собранието или комисија на Федерацијата може до Собранието да даде предлог во вид на амандман. Предлогот мора да биде доставен во писмена форма 1 (еден) месец пред одржувањето на Собранието до канцеларијата на Федерацијата. Истата е должна предлогот да го достави до сите членови на Собранието заедно со материјалите за Собранието.

Доколку предлогот биде доставен после предвидениот рок, истиот може да биде претставен пред Собранието но без можност да се гласа за него.

Доколку претседателот цени дека предлогот иако е доставен после предвидениот рок, а е значаен за бадминтон правилата или за унапредување на бадминтон спортот може да биде претставен пред Собранието со можност да се гласа за него.

Дневниот ред се доставува до:
– секој член на Собранието
– секој член на Управниот одбор
– секој член на Надзорниот одбор
– претседателите на комисиите при Федерацијата
– претседателот на Федерацијата
– потпретседателот на Федерацијата
– генералниот секретар

Конечниот дневен ред со комплетните предлози и материјали мора да бидат испратени до сите членови најкасно 15 дена пред одржувањето на Собранието.
Во случај на вонредно Собрание, Дневниот ред со предлозите и материјалите мора да биде испратено најкасно 7 дена пред неговото одржување.

4 – ПРЕТСЕДАТЕЛ

член 24

Претседателот се избира од редовите на членовите на Собранието и истиот е одговорен за својата работа пред Собранието на Федерацијата.

Мандатот на претседателот трае 4 (четири) години и се бира на Собранието со јавно гласање со мнозинство гласови од вкупниот број присутни членови на Собранието.

член 25

Претседателот ги врши следните работи:
– ја претставува Федерацијата во земјата и странство
– ги свикува и раководи седниците на Управниот одбор и Собранието
– го предлага составот на Управниот одбор
– потпишува акти донесени од Собранието и Управниот одбор
– може да стави вето на актите донесени од страна на Управниот одбор и телата ако се во спротивност со Статутот и Законот за спорт, и други закони или прописи
– се грижи за остварување на програмите за работа
– врши други работи предвидени со Статутот и другите акти на Федерацијата
– врши контрола над финансиското работење на БФМ и по потреба превзема соодветни мерки
– наредбодавател е за извршување и реализација на финансискиот план на БФМ

5 – УПРАВЕН ОДБОР

член 26

Управниот одбор е извршен орган на Собранието во кој секој член има еднакви права, обврски и одговорности во раководењето со Федерацијата.
Управниот одбор за својата работа одговара пред Собранието.

Управниот одбор брои 7 члена, избрани на предлог на претседателот на Собранието со мнозинство гласови од присутните членови на Собранието.

Во случај на евидентна неактивност на членовите на Управниот одбор на БФМ, на предлог на претседателот на БФМ, Управниот одбор може да кооптира нов член на УО на БФМ, а неактивниот член треба да се разреши.

член 27

Управниот одбор ги врши следните работи:
– ја надгледува работата во бадминтонот воопшто
– ги извршува и спроведува одлуките од Собранието
– ги утврдува нормативните акти на Федерацијата
– ги спроведува плановите и програмите утврдени на Собранието
– разгледува апликации и одлучува за прием на нови клубови – членки
– ја следи работата и проблемите на бадминтон спортот и донесува решенија и активности за унапредување и популаризација на бадминтон спортот
– формира комисии, помошни тела, именува претседатели и членови на комисиите
– усвојува календар за секоја година
– утврдува систем на натпревари
– одлучува за пофалби, јавни признанија и други награди од исклучително значење
– усвојува завршна пресметка
– именува потписници на финансиски документи и нивни извршители
– разгледува и усвојува програма за работа на свои органи и тела
– на Собранието поднесува извештај за својата работа
– го именува генералниот секретар на Федерацијата и ја надгледува неговата работа
– обезбедува услови и сноси одговорност за натпреварите и нивната регуларност на ниво на Република Македонија
– именува селектори, тренери и директори на државни репрезентации
– именува водачи на екипи за меѓународни натпревари
– донесува дисциплински правила
– донесува правила за натпреварување
– донесува правилник за систематизација на работни места
– превзема мерки во случај на кршење на интересите и нарушување на угледот на бадминтон спортот
– именува потпретседатели на Федерацијата и ја надгледува нивната работа
– го утврдува дневниот ред со амандманите за годишното Собрание

член 28

Управниот одбор се состанува по потреба. Работи на сендници и одлучува ако присуствуваат повеќе од половината членови.

Седниците ги свикува претседателот кој и раководи со нив. Во негово отсуство седниците ги свикува потпретседателот и тој раководи со нив.

Седниците на Управниот одбор се јавни.

Мандатот на членовите на Управниот одбор трае 4 (четири) години

Секој член на Управиот одбор има право да предлага претрес по одредени прашања, да дава иницијатива за донесување одлуки, прописи и други акти и да предлага начела и ставови за работа на органите и телата на Управниот одбор.

Дневниот ред и материјалите за седниците се доставуваат до сите членови на Управниот одбор, како и претседателите на комисиите 7 дена пред одржувањето на состанокот. Претседателот може да покани и надворешни гости на состанокот доколку оцени дека за тоа има потреба.

6 – НАДЗОРЕН ОДБОР

член 29

Надзорниот одбор е составен од 3 (три) члена. Членовите на Надзорниот одбор од своите редови бираат претседател. Мандатот на членовите трае 4 (четири) години.

член 30

Надзорниот одбор ги врши следните работи:
– контрола на финансиската администрација на Федерацијата
– контрола на сметката и нејзино користење
– извршување поединечни финансиски извештаи и ги доставува до Управниот одбор
– изработување на 4 годишен буџет, заедно со финансовата комисија
– се грижи за соодветна примена на буџетот
– поднесува извештаи за комплетната финансиска состојба до Собранието

7 – МЕЃУНАРОДНА АКТИВНОСТ

член 31

Бадминтон федерацијата на Македонија остварува меѓународна активност со националните бадминтон федерации, членки на Меѓународната бадминтон федерација.

Федерацијата одлучува за учество на репрезентации на меѓународни натпреварувања и купови, согласно календарот на Меѓународната бадминтон федерација и покренува иницијатива за кандидатура за организација на Балкански, Европски и Светски првенства и турнири како и други меѓународни натпреварувања во сите категории.

член 32

Бадминтон репрезентациите на Република Македонија во сите категории го репрезентираат бадминтон спортот во земјата и странство. Составувањето на бадминтон репрезентацијата е право и обврска на Стручниот Совет при Федерацијата.

Бојата на опремата на репрезентацијата ги има државните обележја, комбинација на жолта и црвена боја.

Обврската на играчите одредени за репрезентацијата е да се јават и вклучат во истата без исклучок. Нејавувањето повлекува соодветна дисциплинска мерка во рамките на актите на Федерацијата.

Бадминтон репрезентациите можат да настапуваат на официјални натпреварувања или пријателски средби само со препорака на Стручниот совет и согласност на Управниот одбор.

За постигнатите успеси играчите и тренерите можат да добијат награди, пофалби согласно одлуката на Управниот одбор.

8 – МАТЕРИЈАЛНО ФИНАНСИСКО РАБОТЕЊЕ

член 33
За реализација на дејностите, целите и задачите Федерацијата обезбедува средства кои ги користи под услови и начини утврдени со законот, овој Статут и други акти на Федерацијата.

Средствата се обезбедуваат од:
– буџетот на Република Македонија
– чланарини
– донации и спонзорства
– такси и парични казни
– трансфер на играчи
– организирање натпревари

член 34

Федерацијата има финансиско годишен план на приходи и расходи изработен од Надзорниот одбор со кој се утврдуваат и распределуваат средствата за финансирање на задачите и работите на Федерацијата.

Финансовиот план се донесува на годишното Собрание

9 – СТРУЧНИ СЛУЖБИ

член 35

Генералниот секретар ги извршува оперативните и административните работи на Федерацијата. Управниот одбор на Федерацијата го именува генералниот секретар на време од 4 (четири) години. За својата работа одговара пред Управниот одбор.

Генералниот секретар може да биде професионално вработен со права и обврски кои се регулираат во правилникот за систематизација на работни места. Генералниот секретар може да биде волонтер без паричен надоместок со права и обврски кои се регулираат со посебен договор.

Генералниот секретар ги врши следните работи:
– ги подготвува материјалите за состаноците на УО
– се грижи за организацијата на работата на органите и телата на БФМ
– се грижи за извршување на заклучоците и одлуките на Собранието и УО
– донесува решенија врз основа на Закон, одлуки и други видови акти донесени од страна на Собранието и УО
– распоредува работници на работни места и со работни задачи во работната единица – заеднички работи
– соработува со одговорните во Министерството надлежно за работите во спортот, МОК и Сојузот на спортови
– се грижи за успешно организирање на натпреварите на репрезентативните селекции во земјата и странство
– се грижи за спроведување на Деловникот за работа на УО на БФМ
– врши и други работи утврдени со Закон и одлуките на Собранието, УО и Надзорниот одбор и Статутот на БФМ
– може да биде разрешен и пред истекот на неговиот мандат

член 36

Комисијата за жалби ги има следните активности:
– да ги разгледува и одлучува по жалбите поднесени против одлука на било кое тело на Управниот одбор, применувајќи ги правилата и Статутот на Федерацијата.
– да подготвува текст за амандмани до Управниот одбор.
– да консултира и дава сугестии до техничката комисија за изготвување на Статутот и правилата

член 37

Комисијата за натпреварување ги има следните активности:
– организирање на државни натпревари во Република Македонија
– организирање на куп натпревари во Република Македонија
– регистрирање на орджаните натпревари
– изготвување на месечни билтени за одржани натпревари
– регистрирање на играчите во Република Македонија
– изготвување на годишни билтени за регистрирани играчи
– изготвување на ранг листи на играчи
– изготвува амандмани до Управниот одбор на Федерацијата
– одредува казнени пенали од прв степен за играчи, тренери, клубови

член 38

Дисциплинската комисија ги има следните активности:
– Ги разгледува и одлучува за дисциплинската постапка покрената против играчи, тренери, стручни лица и клубови во Федерацијата, применувајќи ги правилата, согласно Дисциплинскиот правилник и Статутот.
– Подготвува текст за амандмани за Официјалните бадминтон правила
– Консултира и дава сугестии по барани прашања

член 39

Тренерската комисија ги има следните активности:
– се грижи за тренерскиот кадар во регистрираните клубови-членки на Федерацијата
– издава годишни тренерски лиценци
– заверува договори помеѓу тренерите и клубовите
– ги развива тренерските методи
– организира семинари со предавачи и инструктори
– соработува со тренерските комисии во другите национални Федерации
– ги подготвува документите за предавање и развој на тренерскиот кадар
– соработува со факултетот за физичка култура

член 40

Техничката комисија ги има следните активности:
– изготвува текст со амандмани за официјалните бадминтон правила и нивна примена до Управниот одбор
– дава официјална интерпретација на бадминтон правилата
– надлежна е за подготовките, испитувањата и квалификациите на бадминтон судиите во Република Македонија
– овластена е за сите предмети кои се однесуваат за практично спроведување на официјалните правила

член 41

Финансовата комисија ги има следните активности:
– да се грижи за книговодството и жиро сметката на Федерацијата
– да го составува заедно со Надзорниот одбор буџетот на Федерацијата
– да изготвува извештаи до Управниот одбор

член 42

Здравствената комисија ги има следните активности:
– дава совети и информации за медицинската грижа на сите регирстрирани играчи во Федерацијата
– се грижи за спроведување на допинг правилата и пропозициите на Анти допинг код
– за време на официјални турнири да спроведува лекарска контрола на играчи
– да одржува годишни семинари за спортска медицина со доктори од клубовите членки на Федерацијата
– соработува со Здравствените комисии на другите национални федерации

член 43

Стручниот совет ги има следните активности:
– се грижи за организирање на стручната работа во клубовите членки на Федерацијата
– се грижи за организирање на стручната работа во Државните репрезентации
– дава предлог и амандмани до Управниот одбор
– дава предлог до Управниот одбор за тренери на Државните репрезентации
– изготвува листи и одредува играчи за меѓународни купови и светски првенства
– дава предлози до Управниот одбор за промени на официјалните правила
– соработува со националните федерации на стручно ниво
– дава стручна помош на клубовите членки на Федерацијата

10 – ДОНЕСУВАЊЕ АКТИ НА ФЕДЕРАЦИЈАТА

член 44

Предлог за покренување постапка за донесување, измена или дополнување на Статутот или актите на Федерацијата може да поднесе Управниот одбор или секој член на органите на Федерацијата како и членовите на Федерацијата.
Предлогот се поднесува во писмена форма до Управниот одбор на Федерацијата, кој е должен предлогот да го разгледа и во рок од 30 дена по приемот на предлогот да донесе соодветна одлука.

11 – ПРЕСТАНОК НА ФЕДЕРАЦИЈАТА

член 45

Федерацијата престанува да работи ако настапат причини утврдени во член 52 од Законот за здруженија на граѓани и фондации.

Во случај на престанок на работата на Федерацијата неговиот имот се предава на чување на ресорното Министерство или Агенцијата при Владата на Република Македонија се додека не биде оформена слична организација со исти цели и задачи.

12 – ПРЕОДНИ И ЗАВРШНИ ОДРЕДБИ

член 46

Општите акти на Федерацијата утврдени со овој Статут ќе се донесат во рок од 6 (шест) месеци по донесувањето на овој Статут.

член 47

Сите бадминтон кубови ќе ги усогласат своите акти со одредбите од овој Статут во рок од 6 (шест) месеци од денот на неговото донесување.

член 48

Измени и дополнувања на овој Статут се вршат по иста постапка како и за неговото донесување.

член 49

Толкувањето по одредбите на овој Статут по прибавените мислења, го дава Управниот одбор на Федерацијата.

член 50
Статутот влегува во сила со денот на уписот во судскиот регистар.

 

Бадминтон федерација на Македонија
Претседател
Диме Стефановски